Објавена формула: Како да ја пресметате вашата ковид-возраст

Објавена формула: Како да ја пресметате вашата ковид-возраст

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) интензивно работи на основање на Центарот на знаење „Епи Ковид-19 БЗР центар“. Во меѓувреме беше издадена и првата публикацијата насловена „Проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс-Ков-2 вирусот“.

Целта на оваа публикација е воведување на прва и, засега единствена, методологија за индивидуална проценка на медицинската чувствителност на работниците од различни дејности кои се враќаат на работните места, а се во потенцијален здравствен ризик и се изложени на можна инфекција од коронавирусот.

Извадок од публикацијата:

Што е ковид-возраст?

Ковид-возраст е едноставна алатка која овозможува проценка на индивидуалната медицинска/клиничка вулнерабилност (чувствителност/ранливост) на секој поединец за развој на болеста КОВИД-19. Алатката е базирана на публицирани медицински докази за главните ризик фактори и нивното влијание врз очекуваната тежина на клиничката слика и исходот на болеста. Како основа за оваа алатката е земена биолошката возраст на пациентите/работниците, од причина што досегашните докази укажуваат дека токму таа eнајголем ризик фактор за смрт од КОВИД-19. Така на пример, литературните податоци покажуваат дека здраво лице на 60 години има 30 пати поголем ризик од смртен исход во однос на здраво лице на 20 години.

Ковид-возраста ги сумира сите фактори што влијаат на очекуваниот исход на болеста, вклучувајќи ги возраста, полот, етничката припадност и различните здравствени проблеми кои ги има лицето за кое се однесува проценката. Функционира на принципот на „превод“ на поединечниот здравствен ризик фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. На овој начин се добива „очекуван збир на години“според кои понатаму се проценува општата вулнерабилност, односно ризикот дека едно лице ќе заболи и каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.

Ковид-возраст не е егзактна мерка и се користи за калкулација на ризикот од коморбидитетните медицински состојби, но таа се покажува како исклучително корисна при проценката на ризик на работно место. Ковид-возраста како алатка може и треба да се користи во медицината на труд при давањето на мислење за работна способност и можноста на работникот да продолжи да работи и/или да се врати на своето работно место.

За да се пресмета ковид-возраста, се зема актуелната (биолошка) возраст на работникот и на неа се додаваат дополнителните години што се специфични за секој поединечен медицински фактор на ризик.

Пример:

а. здрава жена на возраст од 40 години има ковид-возраст од 35 години

б. здрав маж на 40 години има ковид-возраст од 40 години

в. маж на 45 години , кој има БМИ=35 и има тешка астма има ковид-возраст од (45+5+3)= 53 години

г. жена на 45 години, која има БМИ=35 и има тешка астма има ковид возраст (45-5+5+3)=48 години

Мажот кој има 45 години од претходниот пример има медицинска/клиничка вулнерабилност од 53 години, а жената од примерот, која ја има истата возраст истите клинички состојби како мажот (дебелина и присуството на астма), има медицинска/ клиничка вулнерабилност од 48 години, што значи дека нејзиниот ризик за смрт и развој на тешка клиничка слика на КОВИД-19 е помал.

Публикацијата е изработена од авторите: проф. д-р Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд; д-р Искра Кочева, специјалист по медицина на труд; м-р Милан Петковски, дипломиран инженер по ЗПР, д-р Тања Петрушевска Синадиновска, специјалист по медицина на труд и м-р Снежана Јанкова Петковска, дипломиран инженер по ЗПР.

Линк до публикацијата: http://mzzpr.org.mk/wp-content/uploads/2020/08/%D0%9F%D0%A0%D0%9E%D0%A6%D0%95%D0%9D%D0%9A%D0%90-%D0%9D%D0%90-%D0%A0%D0%98%D0%97%D0%98%D0%9A-%D0%9D%D0%90-%D0%A0%D0%90%D0%91-%D0%9C%D0%95%D0%A1%D0%A2%D0%9E-%D0%9A%D0%9E%D0%92-2.pdf

Извор: Пресс24

singlepost_text