Донесете го мирисот на Индија во вашата кујна. Прекрасна идеја за ручек или вечера. Лесно за подготовка, вкусно за јадење, уживање за сите сетила. Бојана Атанасова ни открива што ни е потребно за подготовка за две порции.
Состојки:
- 400 гр пилешки гради
- 100 гр свежи шампињони
- 20 гр путер
- 1 чаша (250 мл) ориз
- зачини
Состојки за кари сос:
- 1 лажичка сенф
- 1 лажица мед
- 2 лажици кари
- 1 лажичка куркума
- 1 лажичка коријандер во прав
- 1 лажичка чили во прав
- морско оревче
- сол и бибер
- 300 мл павлака за готвење
- магдонос
Начин на готвење:
- Најпрво подгответе ја тавата со ориз. За двајца ви е потребно во една тава да ставите една чаша ориз и 3 чаши вода.
- Потоа на загреана рингла многу малку го варите оризот, му додавате сол, бибер и масло за јадење. Го ставате да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Во меѓувреме подгответе го пилешкото во кари сос.
- Пилешките гради ги сечеме на ленти. Во тава за пржење го ставаме путерот и ги редиме лентите да се пржат. Ги пржиме од двете страни убаво додека не заруменат.
- Во истата тава ги додаваме и шампињоните. Додаваме сол и бибер и пржиме уште неколку минути и ја тргаме тавата од оган.
- Во помало тавче ставаме една лажичка сенф, една лажица мед, 2 лажици кари, 1 лажичка куркума, 1 лажичка коријандер. По желба додаваме и една мала лажичка чили во прав ако сакате да има лут вкус, сол, бибер и морско оревче.
- Промешуваме и оставаме малку да се пропржат и соединат зачините. Ја додаваме павлаката за готвење и убаво промешуваме.
- Во тавата со пилешкото и печурките го додаваме кари сосот. Убаво промешуваме да се соединат состојките.
- Во чинијата најпрво сервираме 2-3 лажици ориз, а врз оризот го додаваме пилешкото во кари сос. Украсуваме со магдонос.
Готви со љубов и на здравје!
Поврзани рецепти на Gotvi.mk:
Печени тиквички со пилешко и зеленчук
Полнет ананас со ориз и пилешко
Шпагети со гриловано пилешко и песто сос
ВИДЕО: Рецепт за пилешко со 40 чешниња лук