Од британската кујна, а по неодоливо вкусен рецепт на Шеф Маре Јаневска ја издвојуваме оваа свежа салата. Ова јадење беше подготвено за време на часовите по готвење во рамките на проектот Кулинари.
Состојки:
- 1 китка марула
- 1 китка рукола
- 1 домат
- 1 тиквичка
- 50 грама ореви
- 1 супена лажица мед
- 1 супена лажица сенф
- сок од 1 лимон
- 1 лажичка соја сос
- 3 лажици маслиново масло
- сол и бибер по вкус
За подготовка на ова јадење потребно ви е чинија за сервирање, длабок сад за мешање на салатата и длабок сад за подготовка на дресингот.
Начин на подготовка:
- Зеленчукот (марулата, руколата, тиквичката и доматот) ги миете и добро ги цедите.
- Марулата и руколата ги сечкате или кинете на покрупни парчиња. Доматот го сечкате на коцкички.
- Тиквичката ја сечкате ла ленти (големина и форма по желба) и ја пропржувате во загреана тава со масло за јадење,. Пропржувате по ваша желба и зачинувате со сол и бибер по вкус. Совет на Шеф Маре Јаневска е да не посолувате премногу бидејќи дресингот е доволно солен.
- Оревите ги потпекувате и ги сечкате, но не многу ситно.
- Следува подготовка на дресингот. Во длабок сад ги додавате медот и сенфот, промешувате додека не се соедини смесата, а потоа ги додавате сокот од лимон, соја сосот, сол и бибер, промешувате да се соедини и го додавате и маслиновото масло.
- Повторно мешајте убаво додека да добиете компактна смеса.
- Се сервира во чинија за сaлата така што се додава прво марулата, потоа руколата, доматот, тиквиците, оревите и дресингот. Доколку сакате поинаку, редоследот не мора да се запази.
СОВЕТИ: Марулата и руколата мора да бидат добро исцедени за да не се разводни вкусот на дресингот. Дресингот се додава пред консумирање, а се друго може да се подготви и 2-3 часа однапред. Оваа салата е одлична и во комбинација со плаво сирење.
Добар апетит!
Повеќе информации за часовите за готвење во рамките на проектот кој го спроведува Здружението за социјални иновации „АРНО“ во соработка со средното училиште за угостителство и туризам „Лазар Танев“ прочитајте тука: https://www.facebook.com/coolinari.mk/
Прочитај поврзани Gotvi.mk вести:
Англиски погачици со чедар – ќе ги правите во секоја прилика
Полнети тиквички по најдобар рецепт
Еве што научивме на часовите по готвење со Фичо
Свежа салата која топи килограми и ја враќа концентрацијата