Празнични пакети на Пошта: Испрати честитка за 16, подарок за 80 денари низ цела државa

Празнични пакети на Пошта: Испрати честитка за 16, подарок за 80 денари низ цела државa

Во рамки на акцијата на Пошта која има за цел обновување на традицијата на испраќање празнични честитки и подароци низ целата земја, започна да се применува посебниот новогодишен пакет со промотивни цени кој ќе важи заклучно со 15.1.2021 година.

Како што информираат од националната Пошта, промотивниот пакет на услуги за испраќање на празнични честитки и подароци во домашниот поштенски сообраќај опфаќа:

  1. Испечатени се единечни празнични честитки во 2 ретро дизајна, изработени за прв пат исклучиво од еко хартија. Цената за купување на една ваква честитка со вклучено поштенско испраќање до адреса во земјава изнесува 16 денари.
  2. Намалени цени за достава на пратки брза пошта ЕМС од адреса до адреса во земјава со тежина до 5кг – Новата цена на услугата изнесува 80 денари. Секое заинтересирано лице кое сака да испрати пратка од било која адреса на територија на град Скопје тоа може да го направи со јавување на телефонскиот број 15 000. Службени лица на Пошта ја преземаат пратката/подарокот од адресата на испраќачот и ја доставуваат на наведената адреса на примачот. Во другите населени места, граѓаните можат да ги достават пратките до единиците на поштенската мрежа, а оттаму службените лица на пошта ќе ги испорачаат до адресата на примачот.
  3. Од 21.12.2020 година се продолжува работното време на следните поштенски единици во Скопје: 1010 Чаир, 1020 Карпош, 1040 Маџари, 1050 Драчево, 1060 Ѓорче Петров. Новото работно време во овие поштенски единици е: понеделник до петок од 08.00 до 18.00 часот и сабота од 08.00 до 13.00 часот.

Ги повикуваме сите да ни се приклучат со цел заедно да ја обновиме традицијата на испраќање честитка или подарок по пошта! Секој заинтересиран кој сака да ја поддржи оваа акција на социјалните мрежи да ги користи „#ПоштаМКД #ИспратиЧеститка #ИспратиПодарок“, или да ни испрати свое фото или видео со повик и поддршка на оваа акција на официјалната Фејсбук страна на компанијата: https://www.facebook.com/postamkd“, велат од националната Пошта.