Гази Баба се грижи – Приклучете се на месецот на хуманост

Гази Баба се грижи – Приклучете се на месецот на хуманост

Гази Баба ја започнува досега најголемата хуманитарна акција насловена „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“, информираат од Општината. Оваа акција опфаќа донирање на храна, облека и мебел за лицата од ранливите категории. Исто така, ќе бидат опфатени и еко акции за чистење на неколку клучни локации во општината, активности за подигање на свеста за селектирање, рециклирање и собирање на отпадно масло за јадење, како и посебни денови за грижа за домашните миленичиња.

Месецот на хуманост се реализира од денес до втори ноември, а претставува најголема хуманитарна акција од ваков тип која досега ја организирала една македонска општина. Акцијата поврзува и повеќе граѓански организации, општествено-одговорни компании, како и сите граѓани кои сакаат да се приклучат и на дело да ја покажат својата хуманост и солидарност.

Партнери на Општина Гази Баба во спроведувањето на оваа акција се „Сите Сити – Ајде Македонија“, „Љубезност“, „Црвен Крст при Гази Баба“, „Копче“, „Ретвитни оброк“, „Лице в лице“, „Пакомак“, „Суниленс“, „Нула отпад“ и „Шепасти ентузијасти“. Исто така, во акцијата „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“ ќе бидат вклучени сите вработени во општинската администрација, бизнис заедницата, како и огромен број на јавни личности и волонтери кои несебично се понудија да го дадат својот придонес во рамките на оваа активност.

Со ова акција, Општина Гази Баба сака да покаже дека секој граѓанин за нас е важен и добива еднаква шанса. Хуманоста и солидарноста се од најголема важност, особено во период кога се соочуваме со Ковид-19, вирус кој ни го промени животот, но и остави многу наши сограѓани со нееднакви шанси и можности за секојдневно функционирање и егзистенција.

За таа цел, од општина Гази Баба ги повикуваат сите граѓани кои сакаат да се вклучат во оваа акција да купат и донираат прехранбени производи, хигиенски средства или облека на пунковите кои ќе бидат поставени пред поголемите маркети. Дополнително, стариот мебел кој често завршува пред контејнерите, во рамките на оваа акција, граѓаните ќе можат да го донираат на семејства од ранливи групи.