Видео: Објавување на фотографии со храна на социјалните медиуми – Правилно или погрешно?

Видео: Објавување на фотографии со храна на социјалните медиуми – Правилно или погрешно?

Дали е правилно или погрешно објавувањето на видеа и фотографии со храна на социјалните медиуми? Дали сме подобри и поразлични луѓе ако објавуваме вакви содржини или, пак, во време на економска криза тоа не треба да правиме?

Еве го ставот на Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавноста на оваа тема.

2017 година се надевам дека сите ќе ја паметиме повеќе по убавите и весели моменти.

Но, 2017 дефинитивно беше година во која на површина излегоа видеа, мотивациски говори и многу видео содржини кои беа актуелни на Facebook и другите социјални медиуми.

Па, ајде да дадеме и ние заедно придонес на овој тренд 🙂

Дали е правилно или погрешно фотографирањето на јадења и нивно објавување на социјалните медиуми?

Пред 1 и пол година ИКЕА сними реклама за трендот на фотографирање, снимање и објавување на фотографии од свечените трпези и јадења и на голема врата ја отвори оваа тема и дискусија. Нивното мото беше: „Опуштете се. Тоа е само храна.“

Оттогаш дебата е сè поприсутна меѓу сите нас прашувајќи се дали овој тренд треба да продолжи или во време на сиромаштија треба да бидеме поскромни со онлајн објавите со храна.

Јас ќе се обидам да дадам одговор со неколку прашања:

Дали доколку не ја сликаме новогодишната маса со сарми, салати, печења или кифлички значи дека тоа не сме го јаделе? Дали ние кои што не објавивме видео од новогодишните трпези не направи подобри или поразлични луѓе од тие кои објавија? Дали необјавувањето значи дека помалку изедовме и не се прејадовме?

Не, одговорот е не!

Подобри луѓе ќе бидеме само кога ќе сфатиме дека секој ден, а особено празниците постојат за да помогнеме на луѓето на кои им треба поддршка. Подобри сме доколку не ја фрламе храната и секогаш се трудиме да донираме на оние на кои им е потребна храна.

Затоа ако ме прашате мене како личност и како човек чија специјалност се социјалните медиуми и односите со јавноста, ќе ве посоветувам на социјалните медиуми да го објавувате тоа што сакате и што ве прави среќни. Ако сакате да објавувате храна, правете го тоа, ако не сакате, немојте. Ваш е изборот.

Но, запамтете дека реалноста е овде и сега, а социјалните медиуми се само огледало на сите нас и нашите животи.

Нема полошо од тоа на Facebook, Twitter или Instagram да се прикажуваме различно и поскромно од тоа што сме во секојдневието.

Ако нешто јавно правиме во секојдневието, а ни е срам тоа да го објавите на социјалните медиуми, тогаш нешто треба да промениме кај себе, а не на нашиот Facebook профил.

Затоа што треба да бидеме искрени со самите себе – како што ние сакаме да видиме кај другите каде прославиле Нова Година, дали биле на плажа за време на летниот одмор, така и другите наши пријатели сакаат да го дознаат тоа за нас. Всушност, тоа е улогата на социјалните медиуми – да се дружиме, поврзуваме и разменуваме искуство.

Ако така се поставиме, ќе имаме непресушен извор на идеи и комуникација. Во спротивно, ќе продолжиме да се давиме во завист, лицемерие и трачарење. Од нас зависи кој пат ќе го фатиме!

Затоа, да бидеме подобри личности секој ден. За секоја фотографија од храна објавена онлајн, направете по една донација во реалноста и помогнете некому.

Ако седите во кафана и не објавувате фотографија од мешаната скара, специјалитети и алкохол не сте различни од тие што објавуваат. Разликата настанува додека сте така раскомотени кога некој човек ќе ви пријде и ќе ви подаде рака за помош или ќе сака да ви продаде хуманитарно списание или честитка. Дали ќе му кажете „бегај“, „оди работи нешто“ или ќе помогнете колку можете за да обезбеди храна и егзистенција за себе и своето семејство!

За крај, сакам да ви дадам само 2 примери со кои може да се промени општеството. Ако половина од нас во земјава секојдневно донираат само по 1 денар, ќе се соберат 1 милион денари или нешто над 16 илјади евра дневно. Тоа се половина милион евра месечно или околу 6 милиони евра годишно. Со само 1 денар на ден од половина од популацијата. Замислете колку луѓе може да се нахранат!

Ако секој од нас донира само 1 парче храна на ден или да речеме по 1 кифличка на ден – замислете колку храна ќе може да дојде во вистинските раце.

Промената почнува со секој од нас, а социјалните медиуми ни се сојузници во овој процес. Впрочем, „ретвитни оброк“, „дарувај од срце“, огромниот број на онлајн групи „да помогнеме и донираме за…“ се најдобриот доказ за позитивната и чоечната улога која социјалните медиуми ни овозможуваат да ја одиграме.

Ви благодарам што издвоивте неколку минути од вашето време. Би ми било драго доколку тука, на вашите профили или во вашето друштво разговарате на оваа тема.

Имајте среќна и весела Нова година, исполнета со многу љубов. Среќна Нова 2018 Година!