Try Swedish! Денови на шведска храна во Скопје од 7 до 16 јуни

Try Swedish! Денови на шведска храна во Скопје од 7 до 16 јуни

Со желба да ја запознае македонската јавност со вкусовите на шведската кулинарска култура, Амбасадата на Шведска веќе трета година по ред организира денови на шведска храна. Оваа година под мотото Try Swedish!, во ресторанот Дистрикт ќе можат да се вкусат интересни шведски рецепти од 7 до 16 јуни.

За време на деновите на шведска храна во Македонија ќе може да се пробааат разновидни рецепти – традиционални јадења како шведски ќофтиња со лингонбери бобинки, мариниран лосос со сос од сенф и копар, но и иновативни десерти како свежи малини со крем од лимон и пуслици со екстракт од сладок корен. Менито кое ќе се служи е креирано од шведскиот мастер шеф Магнус Албректсон, кој меѓу другото е еден од ретките готвачи кои ја имаат подготвувано храната за свечената вечера по повод доделувањата на Нобеловата награда која секоја година ја организира шведското кралско семејство.

Шведската храна е разновидна како и самата  шведска природа – од плодната, питома почва на југот до суровата дивина на Лапланд. Неколкуте климатски зони, илјадници езера, долги морски брегови и густи шуми овозможуваат развивање на една богата кулинарска култура. Шведска исто така има традиција на потполно искористување на она што го нуди природата, каде долгите зими наложуваат изнаоѓање многубројни начини на презервација на плодовите кои се собираат во лето.

Последните 15-20 години носат еден вид на револуција во шведската гастрономија, каде иновативното комбинирање на добро познатите состојки и рецепти, како и кулинарските креации со интернационални влијанија ја поставуваат Шведска на светската гастрономска мапа. Денес, шведската кујна е карактеристична по синергијата помеѓу традицијата и иновативноста, по фузијата помеѓу нејзината дизајнерска едноставност и уникатните, маркантни вкусови, како и по одржливото производство на храна.

Настанот „Денови на шведска храна“ е поддржан од компанијата Сивус и од ресторанот Дистрикт.