„Бар-Ремарк“ вечерва премиерно на Охридско лето

„Бар-Ремарк“ вечерва премиерно на Охридско лето

Народниот театар од Битола вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе својата најнова претстава „Бар-Ремарк“, поставка на рускиот режисер Александар Баргман, работена според делото „Тројцата воени другари“ на Ерих Марија Ремарк.

Најавувајќи ја утрешната премиера, директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев, кој е и сценограф на претставата, изрази задоволство што куќата продолжува да остварува конекција со многу познати режисерски имиња ширум светот.

– Тоа е нешто што треба да се испроба. Едно е да се седи на маса и да се разговара за соработка, друго е да се направи претстава. За огромна среќа, последниве години се појавија неколку пријатели на нашиот театар кои ги поклопија своите уметнички резонанси со Битолскиот театар и направија поставки што ги одбележаа изминатите 10 години како претстави со исклучително висок уметнички квалитет, но и со нова поинаква естетика од она што дотогаш сме го работеле, рече Светозарев, притоа укажувајќи огромен респект кон режисерот Баргман, кој има свој театар кој активно работи десетина години, а соработува и членувал во најпознатите театарски куќи во Русија.

Самата претстава „Бар-Ремарк“ претставува драматуршка обработка на „Тројцата воени другари“, исклучително интересен театарски производ, најавуван како големо уметничко дело со, како што беше речено, швајцарски усогласени театарски сегменти.

Режисерот Баргман кој во Охрид има настапувано како актер во повеќе претстави на гостувања со руски театари, но и како режисер на претставата „Паника“, исто така изведувана на „Охридско лето“, за ова негово последно остварување рече дека е плод на исклучителна соработка со Народниот театар од Битола.

– Благодарение на поранешните мои учества тука и соработката преку театарот „Вера Комесаржевска“, Македонија и македонската театарска сцена ги чувствувам како братски. Не е тоа само човечка, туку уште повеќе уметничка соработка во која сите добро се чувствуваме. Оваа претстава е само логичко продолжение на таа соработка, среќата е дотолку поголма што ќе биде премиерно изведена токму на „Охридско лето“, рече режисерот Баргман.

За тематскиот избор да се работи Ремарк, тој рече дека најмногу за тоа е виновна денешницата, која е таква што војните и кризите како никогаш да не завршуваат.

– Ремарк во својот роман опишува судбини на слаби, изгубени луѓе, време на првата половина на 20 век во која се чини дека човекот е навистина изгубен. Тоа е време кога на светот му требаше толпа со која може да се владее. Но, и покрај пеколот околу себе, Ремарк преку своите ликови секогаш наоѓа сила повторно да се роди, да воскресне, повторно да превладеат чувствата. Понекогаш тоа успева, некогаш не, но самата желба да се пие животот заслужува восхит. Се чини дека и самата тема и погодува на Македонија која како постојано да се наоѓа во тревожна состојба, а и самите актери тоа одлично го разбираат, рече Баргман.

Што се однесува на процесот на разработка на претставата со актерите од Битолскиот театар, режисерот едноставно рече дека ја имаат страста во себе, желбата не само театарски да се пренесе улогата туку истата да се чувствува.

Катерина Аневска, која е дел од актерската екипа, за соработката со Баргман рече дека бил мошне интензивен процес, во кој „влетала“ со огромна љубов и верба, од кој е изродена претстава што ќе донесе уживање за публиката.

– Толкувам улога на суштество кое истовремено е мало дете, истовремено и возрасна жена, која покрај терминалната болест пронаоѓа смисол на нејзиното постоење, убавина во се она што ја опкружива, рече таа.

Огнен Дранговски кој веќе соработувал со Баргман толкувајќи ја главнта улога на „Иванов“ во истоимената претстава, повторно игра во доста комлицирана претстава што обработува, исто толку комплицирана тема.

– Го толкувам Роберт Локам, ликот низ кој се претставува ова дело. Наијтересното во оваа претстава е индикацијата на режисерот да не го играм Роберт Локам туку Огнен Роберт Ремарк, неговото инсистирање да не излегуваме далеку од нас, да не правиме преголема дистанца од нас, но сепак да се споиме со ликовите кои ги играме. Претставата врви низ време во кое се менува сопствениот став, и на самиот Ремарк и на ликот кој го играм, и мојот личен став, рече Дранговски.

Премиерната изведба на „Бар-Ремарк“ ќе биде на сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Прочитај повеќе на Gotvi.mk:

Ван Гог во Охрид: „Каква луда ноќ, публика и амбиент за медал“

Охрид ќе пулсира во кубански ритам

Лубеница 15, праски 30, цреши 120 денари за килограм – Еве ги моменталните цени на пазарот во Охрид

Елина Гаранча го отвора Охридско лето – Еве што сака да јаде оперската дива

Викендов во Охрид на плажа – вода 40, еспресо 50 денари

Охридски или не, и годинава црешите прескапи – Еве ги цените

Пастрмка на охридски начин

Охридски чомлек

 

Преземено од Охридско лето

Остави Коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*