Турли тава по најдобар рецепт

Турли тава по најдобар рецепт

Верувајте, волку вкусна турли тава никогаш не сте јаделе. Подгответе ја по рецепт на Шеф Никола Мишковски од ресторан Камник. Ние ја направивме за време на часовите по готвење, а во рамки на проектот Кулинари.

Состојки за 1 порција:

  • 100 гр пилешко месо (карабатак)
  • 50 гр тиквица
  • 50 гр модар домат
  • 50 гр црвен пипер
  • 50 гр зелен пипер
  • 2 чешниња лук
  • 50 гр вргањ
  • 50 гр шампињони
  • 50 гр кравјо сирење
  • 1 гранче магдонос
  • 1 гранче босилек
  • 1 гранче нане
  • 1 домат
  • 20 гр путер
  • 100 мл масло за јадење

Состојки за подготовка на тесто:

  • 150 гр брашно
  • 20 мл масло за готвење
  • сол
  • 50 – 70 мл вода

За подготовка на ова јадење потребно ви е длабока тава, лупалка за зеленчук и овошје, како и грне со капаче.

Турли тава coolinari 2

Начин на готвење:

  1. Го чистите карабатакот од коската , го сечкате на коцки од 2 сантиметри. Користете карабатак бидејќи е помрсен од белото пилешко месо, па кога се пржи ќе ги испушти маснотиите од кожата.
  2. Го подготвувате зеленчукот: модриот домат го лупите и крупно го сечкате (формата не е важна, битно е парчињата да се со слична дебелина за да се зготват рамномерно). Тиквичките и пиперките ги сечкате на покрупни парчиња.Лукот ситно го сечкате. Доматот го лупите и ги сечкате конкасе – на мали коцки. Шампињоните и вргањот ги сечкате на четвринки. Магдоносот, нането и босилекот ситно ги сечкате.
  3. Го подготвувате тестото: Во длабок сад ги додавате брашното, солта, маслото за готвење и водата. Замесувате средно тесто, односно тесто кое не е многу меко, ниту многу тврдо. Ова тесто кое го подготвувате не се користи за леб, бели печива или слично, во овој рецепт тестото служи за покривање на грнето.
  4. Следен чекор е пржење на состојките. Загревате тава со масло за готвење и го додавате најпрво пилешкото месо и пропржувате сè додека не зарумени месото. Потоа ги додавате тиквицата, модриот домат, пиперките и шампињоните и пропржувате додека не омекне зеленчукот. Следно, ги додавате вргањот и лукчето, пропржувате 2-3 минути и ги додавате путерот, магдоносот, босилекот, нането и доматот. Промешувате додека сите состојки да се соединат и додавате сол и бибер по вкус.
  5. Сето тоа, вака приготвено се става во тава за печење или грне со капаче како на фотографијата. Пред печењето одозгора го ставате иситнетото сирење, го поклопувате и го затварате грнето со тесто. На овој начин јадењето ќе ги задржи сите хранливи вредности и ароми. Печете 15 минути во претходно загреана рерна на 220 степени.

Добар апетит!

Повеќе информации за часовите за готвење во рамките на проектот кој го спроведува Здружението за социјални иновации „АРНО“ прочитајте тука: http://gotvi.mk/2016/04/28/naucete-da-gotvite-so-profesionalni-gotvaci/. За начинот на пријавување на часовите по готвење кои се одржуваат во средното училиште за угостителство и туризам „Лазар Танев“ повеќе детали прочитајте тука: https://www.facebook.com/coolinari.mk/

Прочитај поврзани Gotvi.mk вести:

Салата со брокула која ќе ја правите секој ден

Таратур или ѕаѕики?

Крем супа од зеленчук

Сос од сенф и мед

Телешко месо во сос од буковка

Салата со рукола и пилешко

Полнети тиквици

Рости од компир

Шеф салата

Дресинг за Шеф салата

Таљатели со зеленчук

Пржена банана

Pad Thai со пилешко

Еве што научивме на часовите по готвење со Фичо

Цезар салата + 2 рецепти за дресинг сос