Домашни еклери

Домашни еклери

Многу вкусен десерт кој подготвен во домашни услови е неспоредливо повкусен од било кои еклери кои сте ги јаделе некаде надвор. Овој рецепт ни го испрати Леа.

Состојки за подготовка на тестото:

  • 1 шоља брашно
  • 1/2 шоља зејтин
  • 1 шоља вода
  • 1 супена лажица  шеќер
  • малку сол

Начин на готвење:

  1. Се вари водата заедно со зејтинот, шеќерот и солта.
  2. Во зовриената вода се додава брашното и се остава да се вари додека не стане хомогено тесто.
  3. Тестото се остава добро да се олади.
  4. Се додаваат 5 јајца, едно по едно убаво да се соединуваат со тестото, не наеднаш.
  5. Во плех на хартија за печење со голема лажица се формираат топчиња од тестото и се печат 30 минути на 200 степени без отварање на рерната и уште 10 минути ги оставаме во исклучена рерна.

Состојки за подготовка на кремот:

  • 1 литар млеко
  • 5 јајца
  • 5 лажици густин
  • 8 лажици шеќер
  • 1 ванилин шеќер

Начин на готвење:

  1. Се загрева млекото со половина од шеќерот и ванилиниот шеќер.
  2. Дополнително се мешаат 5 жолчки со густинот и останиот дел од шеќерот.
  3. Зовриеното млеко се трга на страна и во млекото постепено се додава смесата со жолчки за да не се направат грутки.
  4. Празните испечени еклери се засекуваат за да добијат капак.
  5. Внатрешниот дел се полни со кремот.
  6. Врз еклерите се посипува шеќер во прав или топено чоколадо.
  7. Тестото од еклерите без шеќер може да се искористи и за полнење со крем салати.

Готви со љубов 🙂